ВЕСНИКАР

Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Богомудар свети Партение, чудотворче Богоносецу, ти си ја примил Божествената благодат да правиш чудеса, очистувајќи ги сите страсти на верните, и изгонувајќи ги духовите на лукавството. Поради тоа те воспеваме, како тајник на големата благодат Божја“ (кондак на Утрена на споменот на св. Партениј Лампсакиски).   На 20.02.2023 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот Партениј Лампсакиски, како и по повод именденот на игуменот на манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, во Бигорскиот манастир беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, од Цариградската патријаршија, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритите Доситеј, Матеј и Херувим (двајцата од Грчката православна црква), еромонасите Макариј, Ефросиниј и Кирил, свештениците Златко Пуреовски, Павел Крцоски и Миле Ангелоски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата беше осветено празничното коливо, а Митрополитот Кирил го дарува нашиот Митрополит Тимотеј со сребрен медалјон изработен по повод 30 години од патријархувањето на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј, притоа изразувајќи благодарност за топлиот пречек во Бигорскиот манастир и пренесувајќи ги поздравите од Неговата Сесветост. На овие искрени зборови, со истата топла благодарност возврати и нашиот Митрополит, кој возврати на поздравите на Неговата Сесветост, со очекување дека набрзо ќе го посети древниот балкански Ерусалим - градот Охрид. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати со пригодна беседа кон присутните верници, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

„Богомудар свети Партение, чудотворче Богоносецу, ти си ја примил Божествената благодат да правиш чудеса, очистувајќи ги сите страсти на верните, и изгонувајќи ги духовите на лукавството. Поради тоа те воспеваме, како тајник на големата благодат Божја“ (кондак на Утрена на споменот на св. Партениј Лампсакиски).

 

На 20.02.2023 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот Партениј Лампсакиски, како и по повод именденот на игуменот на манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, во Бигорскиот манастир беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, од Цариградската патријаршија, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритите Доситеј, Матеј и Херувим (двајцата од Грчката православна црква), еромонасите Макариј, Ефросиниј и Кирил, свештениците Златко Пуреовски, Павел Крцоски и Миле Ангелоски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата беше осветено празничното коливо, а Митрополитот Кирил го дарува нашиот Митрополит Тимотеј со сребрен медалјон изработен по повод 30 години од патријархувањето на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј, притоа изразувајќи благодарност за топлиот пречек во Бигорскиот манастир и пренесувајќи ги поздравите од Неговата Сесветост. На овие искрени зборови, со истата топла благодарност возврати и нашиот Митрополит, кој возврати на поздравите на Неговата Сесветост, со очекување дека набрзо ќе го посети древниот балкански Ерусалим - градот Охрид. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати со пригодна беседа кон присутните верници, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, дојде на оваа грешна земја и зеде човечки образ, и свето и непорочно живеше помеѓу луѓето во тело. „Он не стори грев ниту се најде лага во Неговата уста" (1Петр. 2, 22). Преку Неговиот свет живот Он ни даде пример за подражавање, та преку тој пример да ги отфрлиме сите нечистотии што се прилепуваат кон нашите души, како што Самиот вели: „затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас" (Јн. 13, 15). Он пројави љубов, смирение, трпение, кроткост, милосрдие и други добродетели својствени на срцето, за да можеме и ние да постапуваме како Него, да го правиме тоа што го гледаме кај Него, или како што вели Он: „поучете се од Мене" (Мт. 11, 29). Затоа и светите апостоли повикуваат да го подражаваме Неговиот живот: „бидејќи вие сте за тоа повикани, зашто и Христос пострада за вас, оставајќи ни пример за да врвиме по Неговите стапки" (1Петр. 2, 21). Додека, пак, апостолот Павле вели: „вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос" (Фил. 2, 5).


Сето она на што нѐ учи Господ Исус Христос со зборови, истото го покажува и на дело со Својот пример. Преку тој пример Он ни заповедал да се учиме на непорочен живот, како од жив образ огледан во чисто огледало. „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце и ќе најдете спокојство за душите ваши" (Мт. 11, 29).


Секој христијанин е должен да Го подражава Христа. Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, со повикот за подражавање немал за цел да Го фалиме, бидејќи Он стои многу повисоко од секоја наша пофалба. Него Го фалат сите небесни сили. Сонцето нема потреба да ја докажува својата светлина. Но, светата Црква сака да ни го претстави Неговиот преблаг нарав, кој сам по себе треба да ги привлече нашите срца, та сакајќи Го и подражавајќи Го, и ние да ги оставиме мерзоста и стариот човек и да Го следиме со вера и љубов. Ние треба со вера и чисти срца да гледаме на таа Божествена добрина, и како во огледало да се огледуваме, за да можеме да ги очистиме од нашето лице пороците што се прилепиле за нашите срца и души. Тоа може да се случи само преку покајание, преку отфрлање на секое злонамерие, па така со Негова помош да се обновиме во нов човек.


Примерите, пак, на развратен живот ја искушуваат верата. Лошиот пример е заразен. Од обичниот живот ние знаеме дека кога едно овца ќе тргне некаде, другите овци веднаш одат по неа, без да размислуваат дека можат да се оддалечат и да паднат во опасности, односно во погибел. Исто така без размислување постапуваат и многу луѓе. Тие се движат според чувствата, а не според разумот, и едни други се следат по примерот на овците, не размислувајќи доволно дали тоа им е од полза или од штета. Такви примери гледаме во светот на секој чекор каде и да се движиме. Еден започнува да прави чест и прослави, да пие, да прави гозби и започнува и други да привлекува кон слични нешта. Неговиот пример го следат и другите, но за жал за своја телесна пропаст, а уште повеќе и за духовна. Тоа е плодот на нерасудливото дело.


Секој христијанин е повикан да се помири со Бога, но пред тоа треба да се помири со ближниот – така нѐ учи Господ Исус Христос. Христијанската љубов бара по сопствена желба да пристапуваме кон помирување со луѓето кои сме ги навредиле, повредиле и сл. Гласот на совеста нѐ повикува на помирување, доколку сакаме да примиме спокојство.


Ние денеска го прославуваме св. Партениј Лампсакиски. Овој Божји слуга со својот живот се угледал на Господа Христа и затоа имал огромна благодат да може својата паства да ја умножува така бројно. Се вели дека кога дошол на должноста за архиереј затекнал само осумнаесет верници, а кога го напуштил овој свет останале само осумнаесет незнабошци. Па и ние да се угледаме на Господа Исуса Христа и на св. Партениј Ламспакиски, да отфрлиме секаква злоба и пакост, а да ги умножуваме добродетелите. Така да добиеме благодат од Светиот Дух, па да одиме по вистинскиот Христов пат и да измолиме милост од Бога за спасение на нашите души.


На крај, би сакал на Епископот Антаниски Партениј, викар на Нашата смиреност и игумен на оваа света обител, да му го честитаме именденот и да му посакаме успешно раководење со духовниот живот на оваа обител, а за афирмација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, за просперитет на оваа света обител и за спасение на неговата душа и душите на повереното му стадо.

Св. Партениј Лампсакиски
Ман. „Св. Јован Крстител" -Бигорски манастир
20.02.2023 г.

 

ИЗВОРНАТА ОБЈАВА...


Ознаки: Нема
0 мислења
Пријави        

За читање: