Соборноста како темелно начело за црковно управување

  • Кога Православната Црква слободно соборно одлучува оставена е да плови носена од „ветрот кој дува каде што сака“ и е со исправни ставови за тоа - која е и како се исполнува Божјата волја.
    Соодветно на Божјата волја, на заедничките собори на верниците, Црквата како заедница на верници, преку водството од Светиот Дух ги изнесува на виделина знаењата за христијанското богоугодно спасително живеење. Одлуките на новите собори кои се носени по тековите на истиот Дух се докажуваат и со проверка дали се согласно продолжение на одлуките од претходните собори.

    Поединечните одлуки на еден човек или одделна група на луѓе - независно на црковните чинови од кого се донесени - се дело на тие луѓе. Како такви можат да бидат исправни и погрешни. Кога се исправни тие се во испреплетена складност со соборното сегашно и минато црковно знаење. Соборната Црква како заедница на сите верници водена од Светиот Дух е единствено непогрешлива.

    Таму каде што е нарушена соборноста таму превладува поединечното човечкото. Затоа треба да се критикува папскиот систем развиен кај римокатолиците. Изграден како последица на губење на верба во Божјата сила и преминувајќи на земски методи на градење верска политичко-моќничка институционализираност. Во таа смисла даден е целосен примат во одлучувањето на врвот на црковната ерархија, а безмалку целосно е отсечена волјата на сеопштата црковна заедница. Така поставената институција го губи правото себе си да се нарекува соборна (црковна) заедница.

    Но за нас православните, многу поважно е зачувување на внатрешната православна соборност со отстранување на појава и ширење на папско однесување кај православните високодостојници. Таквите појави се во спротивност на темелната одредница за Православната Црква (како апостолска и) Соборна. Затоа што ако одлучувањето во целост го превземаат високите свештенички чинови, неподредени на соборното црковно одлучување се создава внатреправославен папизоиден круг, не на управување - туку на владеење со Црквата.

    Ревносниот православен христијанин има право и треба да ја брани Црквата со тоа што храбро и одлучно ќе го брани заедничкиот црковен став наспроти оној на поединци независно од нивната свештеничка позиција.

    Матеј
    18:20 Зашто каде се двајца или тројца собрани во Мое Име, таму Сум и Јас посреде нив.”

    Св. Патријарх Тихон за односот на Претстојателот и свештениците кон народот:

    „По учењето на Православната Црква, чуварот на чистотата на Верата и Отечкото Предание не е само поглаварот на Црквата и црковната ерархија во својата севкупност, туку, следствено и верниот Народ, на кого исто така му припаѓаат извесни права и глас во црковните работи. Претстојателот на посебната Православна Црква и Патријархот Серуски всушост не е - римски папа, кој се користи со неограничена и безмерна власт. Тој не може тирански да управува со Божјиот народ, не барајќи ја неговата согласност или не сметајќи на неговата верска свест, со неговите верувања, обичаи и навики. Историјата покажува дека дури и во случај кога Претстојателот на Црквата, кој ја спроведува оваа или онаа реформа, во суштина е во право, но наидува на противење од народот, па прибегне кон сила наместо да делува на него со зборови на пастирско советување, тој станува виновник за немирите и раздорите во Црквата“.