ВЕСНИКАР

Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

СЛОВО ЗА ГОЦЕ

† Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски

СЛОВО ЗА ГОЦЕ (04.02.2023 20:55)

Возљубени чеда и почитувачи на Гоце ‒ возљубени во Господа,

Доаѓајќи овде на гробот на Гоце ‒ секогаш се запрашувам: Што да му кажам на Гоцета и што да кажам за Гоцета?

Еве, и годинава најпрво Му благодарам на Бога што во секое време ни испраќал потребни личности коишто отпосле за своите заслуги биле и треба да останат во сеќавањето на македонскиот народ со спомен и почит што ги заслужуваат. Меѓу нив, секако, свое место во македонската историја има кукушанецот Гоце ‒идеологот на борбата за слобода, кому на овој ден, како и при секоја друга прилика, му благодариме не само за неговиот херојски подвиг и за неговата жртва, поднесена во борбата за слободна Македонија, туку му благодариме и за неговото завештание, преку кое нагласил неговото вечно почивалиште да му биде при нас, во главниот град на Македонската држава! Оти, иако можеше да одбере гробот да му биде и на други места и во подалечни краишта, Гоце остави аманет: ако замине од овој свет без да ја доживее слободата на Татковината, неговите коски да бидат пренесени во престолнината на слободна Македонија.  

А Гоце бил космополит! За неговите погледи знае секој што макар и еднаш  ги чул зборовите со коишто тој го објаснува својот светоглед. Нему му бил туѓ тесноградиот национал-шовинизам. Тој не сакал никого да уништи, над никого да завладее. Како христијанин и Македонец, само сакал да се слободни Македонија и нејзините граѓани ‒ и Македонците и сите македонољубиви жители во заедничката Татковина.  Но, вистинската културна широкоградост подразбира подготвеност и за целосно  ставање во служба на својот народ и борба за неговото место меѓу народите, со право за потполна духовна и национална слобода. Ете така Гоце ја разбирал слободата за секого, па и за својот народ и за својата земја, и затоа  сите свои сили ги вложил за подобра нивна иднина.

А кога, по Народно-ослободителната војна, овој дел од Македонија конечно станал независен, Гоцевите земни остатоци биле донесени овде.  И ги чуваме како најсвои, овде, во дворот на едно од најпознатите скопски и македонски светилишта ‒ во дворот на храмов „Свети Спас“.

 Но еве, покрај нас, коишто доаѓаме по разни поводи на Гоцевиот гроб, годинава доаѓаат и некои други. И добро е ако сакаат да му оддадат заслужна почит, како на голем македонски син и како борец за слободна Македонија. Но, зарем Гоце загина вчера? Или, зарем денес за првпат му го чествуваме роденденот!? Гоцевото родољубие и човекољубие нека ни бидат пример и во грижата и во чувањето на своето и во почитувањето на туѓото! Ако некому историјата може да му биде учителка, нам, на Македонците посебно може да ни биде. Обидите за присвојување на Гоце, на сѐ што е македонско, па и на самата Македонија, не е нова појава и желба, и не е само нивна! И тоа не треба да нè зачудува. Но треба да нè загрижуваат меѓу нас одродените слуги на туѓи интереси, оние кои Гоцета го размакедончуваат и со тоа по вторпат го убиваат и го погребуваат! И сето тоа за лични интереси, погазувајќи ја вистината за Македонија и вистината за Гоце!

Ако сме Гоцеви, како и ако сме Светоклиментови, едно нешто мораме да помниме: никој, никогаш, за никакви ветувања не смее да го раздава она што е наше! Никој, никогаш, за никакви ветувања нема да има народен и Божји мандат, ниту право да нè обескоренува и обезличува. Прескапа цена за нас платија нашите богољубиви, родољубиви и човекољубиви предци, прескапо ја откупија нашата денешна слобода и нашето право да ја живееме и да ја чуваме слободата и сè што е наше.

Еден наш познат поет, во својата поема за Гоце, покрај другото, ни порачува:

сакајте го Гоце, тој за вас се борел
тој за вас го даде и животот свој
.

 

Па да го послушаме поетот и да ги следиме сите коишто вистински го почитуваат делото на Гоце! Да го љубиме Гоцета, и како негови чеда, да ја љубиме и неговата љубов ‒ Македонија! Само така ќе се покажеме и ќе се потврдиме дека сме достојни да ја живееме слободата за која тој и бројни комити и војводи, партизани и бранители, ги положија своите животи. И, како што е речено, да не заборавиме дека Татковината само еднаш однадвор се ослободува, а потоа одвнатре постојано се брани! Можеме ли да замислиме, кога Гоце би нѐ сретнал ‒ би имал ли што да ни каже и што да нѐ праша и за што да нѐ укори?! Доаѓајќи на неговиот гроб, дали размислуваме за тоа колку неговите идеали се и наши идеали?! И, секако ‒ колку достоинствено се однесуваме кон неговите пораки и завети?! Како да заборавивме дека и Татковината се љуби и се сака со дела, а не со празни ветувања и времени добивки.  

Но, веруваме дека нашиот напатен и трпелив народ, имајќи ги пред себе сите жртви за слободата на ова парче македонска земја и, закрилуван од нашите бројни, знајни и незнајни, светители и молители, ќе опстои и ќе ги надмине сите искушенија.

Идеалот на домољубието и на родољубието што ни го покажаа нашите народни великани, а особено нашиот денешен славеник Гоце Делчев, нека ни служи како светило на патот кон запазувањето на слободата на нашата Татковина ‒ Македонија.

Нека им се вечни споменот и делото и на Гоце и на сите негови соистомисленици и борци за македонска слобода! А ние секогаш да живееме според нивните идеали, секогаш да ја љубиме и пазиме Татковината, секогаш да придонесуваме за пронаоѓање на нејзиното место во културниот натпревар меѓу народите!

Вечен нека му е споменот на Гоцета!

Вечна нека е Македонија! Амин!

† Стефан,
Архиепископ Охридски и Македонски

Слово на Панихидата за Гоце Делчев, отслужена на гробот на Делчев, во дворот на храмот „Вознесение Христово“ („Свети Спас“) во Скопје, во денот на неговиот 151-роден ден, на 4.2.2023 година.

ИЗВОРНАТА ОБЈАВА...


Ознаки: Нема
0 мислења
Пријави        

За читање: