Оддели - Видеозбирка

ПРАВЕДНИКОТ ОД БАЈЛОВО
0
Оддел:
Поставено од Сард  .  29 август 2016
0 издвоени
1.563 прегледи
0 допаѓања
0 мислења
Поминувајќи покрај него, окото несвесно се запира на еден призор кој те пренесува надвор од времето и просторот, во еден поинаков свет, кој, за некои е несфатлив и неразумен, а за други мистичен и свет. Првите впечатоци на збунетост и замаеност исчезнуваат и се појавува благодарствено чувство со хармоничен припев на псалми во срцето, кога сфаќаш дека Бог те удостоил да го вкусиш благоуханието на еден Негов крин кој израснал во овој неплоден свет и опстојува хранејќи се од љубовта и благодатта Божја, и кој тоа благоухание на љубов и благодат знае преку својата добродетелност и милосрдие да ја пренесе и на останатите околу него.

При првиот допир со него, те озарува милост и пријатност каква не може да се почувствува во никое земно задоволство. Сфаќаш дека тој човек живее во светот, но е надвор од светот, чекори во некој небесен живот. Мило лице и благ поглед... неговите бистро-сини очи проникнуваат длабоко во срцето и ги согледува сите тајни внатре во него. Белата коса и долгата брада, како и потурите и обувките од кожа, му дава изглед на старец каков се среќава Во расказите за поклониците од Русија, кои пред неколку столетија, својот подвижнички од' го насочувале само кон манастирите и духовните прибежишта. Наликува на оној старец кој е претставен на корицата на книгата „Раскази на еден поклоник". Живее во современоста, но со својот дух се наоѓа во безвременоста. Лик кој вреди да се запомни, и на кој е доволно да фрлиш само краток поглед во моментите на искушенија, за да најдеш блага утеха, која како тивок ветрец, ќе ти ја помилува душата и ќе те потсети дека Господ е блиску, само треба да се препуштиме на Неговата света и неспознатлива волја, за топлината на благодатта да стигне и до најголемите длабочини на нашето срце, каде престојува гревовната темнина која не' загушува.