ВЕСНИКАР

Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

Сенароден собир протв Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција

Со благослов на Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на 29.6.2023 година, во Архиепископскиот Соборен храм „Свети Климент Охридски“ – Скопје, по завршувањето на Вечерната богослужба и на Молебниот канон кон Пресвета Богородица, се одржа сенароден собир против содржината на двата закона: за родова еднаквост и за матична евиденција. На овој […]

Со благослов на Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на 29.6.2023 година, во Архиепископскиот Соборен храм „Свети Климент Охридски“ – Скопје, по завршувањето на Вечерната богослужба и на Молебниот канон кон Пресвета Богородица, се одржа сенароден собир против содржината на двата закона: за родова еднаквост и за матична евиденција. На овој масовен собир, народот едногласно и категорично се
спротивстави на овие закони и на нивното имплементирање. Следствено, истиот помина во мирна и достоинствена атмосфера.

Во продолжение ги објавуваме во целост обраќањата на Неговото Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан и на академик д-р Катица Ќулавкова:

 

СТЕФАН
Архиепископ Охридски и Македонски

 

 

АКО ОПСТОИМЕ ‒ ЌЕ ПОСТОИМЕ

 

Возљубени...

Еве нè ‒ чедата на Македонската Православна Црква, собрани заедно со претставници на сите цркви и верски заедници, за да му кажеме „да“ на животот, за да ја возгласиме светоста на семејството ‒ оформено од еден маж и една жена, за да кажеме дека ќе ги браниме нашите најмили ‒ децата, од неприфатливи и наградувачки нови идеологии.

Собрани сме за достинствено и радосно да го покажеме нашето прегрнување на сиот свет како Божјо творение и да кажеме дека Црквата ниту сега, ниту било кога, не протестира против некоја личност и не отфрла никого. Па, самиот нејзин живот и начин на постоење е непрестаен бунт, но не бунт против човек, туку против злото, против гревот и против смртта, во кои, за жал, пред нашите очи запаѓа светот.

Единствена цел на Црквата е да го љуби и да го преобразува овој свет, но не-поистоветувајќи се со него. Затоа  и не се чудиме кога светот, од своја страна, не ја прима Црквата, туку ја отфрла како нешто што му е туѓо. И не само што не се чудиме, туку и не се грижиме, знаејќи дека Самиот Христос рекол: Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето, но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази[1].

Затоа, не треба да нè плашат бурите кога ќе се разбранува морето на овој свет, туку, напротив, тоа треба само да нè потсетува дека овој свет не е нашата крајна цел, и да нè охрабрува, за да продолжиме кон сигурното пристаниште во љубовта на нашиот Бог. Не треба да веруваме во подобар свет, ако во него нема место за Христа! А новото руво на исконската измама е дека Црквата треба да го прекине своето патување кон есхатонот и да остане тука ‒ во времето и во историјата, бидејќи овој свет ќе стане рај без Бога, а човекот – бог без Бога, па ќе може да го пресоздава светов и веков согласно критериумите на својот отпаднат од Бога ум и спротивно на поредокот вграден во природата од Создателот.

 И, кога најдобронамерно и секогаш љубовно и ненаметливо ќе кажеме нешто, се обидуваат да нè замолчат со промена на тезите за секуларниот, односно световен карактер на државата, секогаш, како по правило, толкувајќи ја секуларноста спротивно на Уставот на државата, а во кој Црквата и останатите верски заедници спомнати во него, имаат свое место и свои загарантирани права. Впрочем, секуларно општество не значи и безбожно општество!

 Ние немаме ништо против секуларниот менталитет на кој било поединец, па и на самото општество, но, се прашуваме: дали тоа значи да се изопшти Црквата од општествениот живот!? Имено, свесни сме за плановите, намерите и желбите на организации и движења кои до таа мера зајакнаа во нашето општество што, некои од нив, навлегоа во државните институции, та и закони ни пишуваат! Закони, токму како оние два несреќни закона за родова еднаквост и за матична евиденција, кои насила и спротивно на нашата волја не само целат да ја секуларизираат Црквата, туку и да ја присилат да зборува и да се изразува со јазикот на некаков си светски поредок кој им е туѓ на словото и на духот на Апостолите, на светите отци и на Светото Евангелие.

Затоа што самата Црква е мајка која во болка ги раѓа своите чеда не за смрт и не за овој свет, туку за Живот вечен и за Царство Небесно, ние сосема ги разбираме загриженоста и стравот на секого, а особено на родителите, од неизвесната иднина за своите деца, за децата  на нашата Македонија, ако тие два закона или некакви си нови, ним слични закони, станат обврзувачка реалност

Ќе потсетам: Црквата живее во Дух и во Вистина! Во истиот Оној Дух што слезе на неа на Педесетницата и ќе остане во неа до крајот на вековите! Нејзиниот пат, живот и вистина е самата нејзина глава ‒ Богочовекот Христос! Тој рекол: Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи[2]. А низ историјата Црквата пресретнала и надживеала многу идеологии и многу лажни вистини кои му ветувале ослободување на човекот. Честопати Црквата својата Вистина ја сведочела со маченичка крв, наспроти времениот карактер на вистините на овој свет. Денес, светот го окупира и покорува една нова идеолошка пропаганда, на која еве и овде, во нашето општество, ѝ го гледаме вистинското лице. Ни се подметнува поимот „род“, поим кој е свесно избран, поради тоа што во нашиот јазик и сфаќање има најчесто убав контекст, но во намерите на родовите теоретичари и идеолози тој не носи ништо добро.

Вистината, возљубени во Господа, секогаш ослободува! Таа никогаш не покорува и не заплашува! Вистината нема потреба да граби за морална супериорност, притоа искористувајќи ги жените и децата за да биде прифатена, како што тоа го прават некои современи конвенции, налик на Истанбулската, кои, под плаштот на заштита на жената, сакаат да ни подметнат нешта кои ќе ја загрозат и повредат токму жената, која е столб на семејството, а со тоа и столб на општеството. Затоа и денес сме собрани тука: јасно и гласно да ја кажеме вистината, наспроти професионалните експерти за менување тези, кои се занимаваат со сѐ останато, а најмногу со тоа што мисли Црквата за жената, само не со заштита на женските права.

Со векови, во својот поглед кон жената, Црквата стои со свештен трепет. Жената, во учењето и животот на Црквата, не само што не е немоќна, туку напротив, токму таа во Своите кревки мајчински раце Го држи Оној што ја одржува во постоење сета вселена ‒ семоќниот Бог. Пред таа сила треперат и ангелите и луѓето! Токму таа на Своите гради Го храни како мало дете Оној што дава храна на секое тело[3]. Токму жената, и особено жената мајка, ја дава надежта на светот ‒ љубовта. А љубовта секогаш е несебична, жртвено себепринесувачка, и токму поради тоа, во нашата претстава, жената е икона на љубовта, и затоа, да не дозволиме мајчинството да биде осквернето со ничии новоисковани поими. Велат дека ќе ја ослободат жената од стегите на Црквата и од прангите на патријархатот, а во реалност ја сведуваат на поткатегорија, изедначувајќи ја со мажи, кои никогаш нема да бидат жени во вистинската смисла на зборот, и токму на тој начин му даваат легитимитет на насилството врз жената.

 Жените во Македонија, верувам, не сакаат таква лажна еднаквост и такви лажни права, и не сакаат да ги ослободувате од Црквата, бидејќи токму во Црквата ја живеат својата вистинска слобода. Црквата е преполна со смели, самостојни, успешни и реализирани жени, кои во Црквата доаѓаат радосно и слободно, и во ова време сè повеќе гледаат во мајката Црква сигурно засолниште од овој заразен бунт против поредокот востановен од Создателот. Впрочем, еве, голем дел од вас - жените, и вечерва сте тука, дојдени од сите краеви на Македонија, за да посведочите дека не го сакате ропството што некој го нарекува слобода ‒ ниту за себе ниту за своите деца. Па, токму во вас, возљубени баби, мајки, сопруги, сестри и ќерки, ја чуваме надежта за подобро утре, поради тоа што секогаш кога било најтешко, а тоа е тогаш кога треба да се стои стамено под крстот, жените стоеле и достојувале и во Евангелието Христово, и во историјата на нашиот македонски народ и кај сите богољубиви народи. Затоа и веста за радоста на Воскресението е дар за сиот човечки род најпрво пренесен токму преку жените. Оттаму, во свеста на Црквата жената е Богородица и апостол на Воскресението и на вистината за Христа.

Возљубен верен народе: Самиот Господ Христос порачува: Оставете ги децата и не бранете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е џарството Небесно[4]. Но, оваа идеологија, несомнено, е една од најтоталитарните што ги видело човештвото досега, и, речиси, како ниедна друга во историјата се има насочено директно против оваа Христова заповед и против децата. Па, ако децата се иднината на светот, тогаш кој друг сака човекот да нема иднина, ако не оној за кого знаеме дека е непријател од почетокот.

Но, сведоци сме, веќе неколку години, за реформите што се направија или се прават во образовниот систем и кои галопирајќи трасираат пат за таканареченото родово сензитивно образование, кое треба да кулминира со сеопфатно сексуално образование. Во нашите училишта без согласност на родителите се делат наставни листови кои промовираат хомосексуалност и истополови бракови... Апелираме да престане унакажувањето на образовниот систем со родова идеологија и со сексуализација на нашите најмлади, да престане крајно неприфатливото лишување на родителите од нивните родителски права и на децата од нивното детство. И, конечно, до кога нашите деца ќе учат од учебници чии што содржини се диктирани од туѓи држави и од туѓи центри? А што да се каже за веронауката во нашето образование?! ‒ Дваесетина години се потценети и предметот, и предавачите, и Црквата со верските заедници и сите ние. Само во Македонија, за разлика од повеќето земји во Европа, кон која стремиме, како и од сите поранешни Ју републики, само од македонското образование, со мали исклучоци е „избркан“ Господ. Ете таков ни е односот кон верата и кон Бога!

Но, најголемиот дар Божји, даден на човекот, е токму слободата. Во неа слободно и непринудно избравме да ги љубиме Бога и човекот, не исклучувајќи ги и непријателите, коишто, впрочем, ни се непријатели затоа што тие нас нè сметаат за свои непријатели, а не затоа што ние ги сметаме нив за наши непријатели. Ние сега сме доведени во состојба да се бориме за правото на мислење, правото на говор и правото слободно да ја браниме својата вера. Знаеме многу добро чии слуги сме и кој е нашиот Господ. Робови на луѓе не можеме и нема да станеме, особено не тогаш кога се подготвува пат за нови „вери“ и нови „богови“, кои во одредени свои постапки, како што гледаме на многу места од светот, се однесуваат тоталитаристички. Верата ќе опстои до крајот на вековите и силните на денот нема да ја надвладеат[5], но ние мораме да останеме верни на учењата што ни ги пренесоа нашите предци.

Затоа, возљубени присутни ‒ чеда на Македонската Православна Црква, на Католичката црква, на протестантските цркви и на Еврејската заедница, ве замолувам вас и сите луѓе со добра волја, непоколебливо да опстојуваме во нашата праведна борба за одбрана на семејството и за запазување на ликот Божји во човекот. ‒ Дај Боже да опстоиме, за да постоиме!

По молитвите на Мајката Божја ‒ Пресвета Богородица, на светиот Климент Охридски и на сите светии ‒ така нека биде! Амин!

[1] Јн 15, 19.

[2] Јн 8, 32.

[3] Пс 135, 25.

[4] Мт 19, 14.

[5] Сп. Мт 16, 18.

 

***

 

Академик
Катица ЌУЛАВКОВА

 

ПРИКАЗНИ ВО ПРИКАЗНАТА ЗА ПРАВАТА НА ЖЕНАТА:
ФЕМИНИЗАМ, ПОЛОВОСТ, РОДОВОСТ, СЕКСУАЛНОСТ, ТРАНССЕКСУАЛНОСТ,
ТРАНС-РОДОВОСТ, ИЗОПАЧЕНОСТ

 

Отсекогаш, луѓето сонувале за подобар живот. Многу неправди се направени во име на правдата. Многу ропства се воспоставени во име на слободата. Такви се приказните за еднаквост и слобода: на почетокот имаат призвук на бајка, потем се претвораат во сурова стварност. Историјата е полна утопии претворени во дистопии. Приказната за женските права на општествена еднаквост со мажите е една од тие тажни приказни. Трае долго, крајот е неизвесен.

На почетокот на 20 век имаше призвук на голема идеја која ќе го промени светот на подобро. Кон крајот на векот, се засили академски и научно, со феминистичките студии кои за кратко време се трансформираа во „родови студии“. Родовите студии понудија нова перцепција на човекот и неговиот полов и сексуален идентитет. Тие предизвикаа пресврт во феминистичката парадигма втемелена врз бинарноста на биолошките полови и не-еднаквите социјални, економски и други права на мажот и жената. Родова парадигма не се повикува на човечката биологија, туку на општествената перцепција. Според неа, луѓето не се раѓаат со својот род, туку го создаваат од најрана возраст, преку образовни, културни, комуникациски, медиумски, социјални и јазични политики. Родот е општествен конструкт, конвенција. Тој е нешто произволно, арбитрарно. Производ на општествен, заправо политички и идеолошки договор.

Бескрајното клопче на трансродовата дистопија започна да се одмотува, дискретно, уште 1970 година, кога е измислен терминот трансродовост (transgenderism), по аналогија на термините транссексуалност и трансвестија. Но, 2014 година, со „Истанбулската конвенција“, повторно под претекст на феминизмот, веќе експлицитно се промовираат глобални трансродови политики. Бајката за рамноправноста на жените со мажите која ги освои симпатиите на демократскиот свет, веќе се заканува да се претвори во хорор приказна и грда стварност.

Време е да се демистифицира оваа приказна втемелена врз начелото на произволна перцепција и поткрепена со тенденциозни образовни политики. Време е, затоа што оваа „приказна во приказна“ не е ни наивна, ни последна. Таа е увод во целосен распад на здравиот разум. Таа создава конфузија меѓу поимите пол и род, меѓу родовост и сексуалност, меѓу и трансродова и транссексуална ориентација. Таа ги загрозува правата на жените за коишто се бореа некогашните храбри генерации. Таа ги злоупотребува личниот идентитет и правото на приватност на децата и младите. Таа ги релативизира идентитетите до тој степен што ги укинува во реалноста. Таа создава проблематични урбани митови. Сувереноста на индивидуата за којашто се залагаа генерациите на Модерната и Постмодерната е доведена во прашање. Време е за сериозен дијалог, а не за примитивни иконографии.

Благородната идеја за отстранување на дискриминацијата на луѓето поради нивната сексуална ориентација и специфичен еротизам се претвора пред наши очи во портал за влез во светот на „изопаченоста“ познат како queer/квир свет. Се чувствуваат последиците на трансродовата дисфорија (спротивно на еуфорија). Воведувањето над 75 нијанси трансродовост и транссексуалност е илузија на слобода, дефокусација од вистинскиот предизвик на опстанокот на  хуманата матрица. Така се преоѓа од родовиот континуум до идентитетскиот дисконтинуум. Така се создава општа патогена ситуација во општеството. Така светот станува нешто помеѓу хумана и нехумана творба. Она што беше реткост добива масовни размери.

Хуманата приказна за сексуална недискриминација почна да промовира култура на изопаченост чијшто крај не е на повидок. Нема крај затоа што промовира идеологија на биолошка транзиција од еден во друг пол, промовира идеологија на двојна, трансродова, и транссексуална транзиција, создава опасна нестабилност и ранливост на интимниот идентитет (лични имиња, матични книги на родените, родови заменки, трет род, неутрален транссексуален или среден род, граматички род кој постои во македонскиот јазик, но не и во сите јазици во светот), создава дезориентација во светот на идентитетите, предизвикува физички, психички, семејни и социјални трауми.

Неолибералниот наратив на виножитото требаше да ги сензибилизира луѓето и институциите за сите нијанси на биолошкиот, половиот и сексуалниот идентитет со цел да нема дискриминација. За жал, тој во својата актуелна кулминација, пристрасно и законски ја наметнува трансродовата едукација на деца чијашто свест е кревка и несвесна за трансродовите замки и последици.

Позитивната дискриминација на трансородово сензибилните се претвора во дискриминација на традиционалниот семеен образец. Децата уште не научиле да се изразуваат, веќе се предмет на моделирање на умот. Визуелнот говор го потиснува природниот јазик. Социјалните мрежи го заменуваат семејството. Лагите го преземаат местото на вистината. Традиционалното семејство е невидливо во новите образовни содржини. Мнозинството е стигматизирано. Демократскиот принцип е прекршен.

Последниве години, дури и слободата на научните истражувања финансирани од меѓународните фондови на Западот се ултимативни: или ќе го усвоиш нивниот план за трансродово балансирање, или нема финансирање на проектот. Воведена е прелиминарна елиминација врз новите трансродови вредности.

И главните приоритети на Повелбата на Европската Унија се транс-родовите идентитети, односно политиките за нивна институционална и законска поддршка. Тие приоритети се на пат да станат доминантна европска вредност. Со нив државите ‒ аспиранти и членки на ЕУ се насочуваат да донесат соодветни законски регулативи, а со регулативите доаѓаат и санкциите.

Полека, но сигурно, се промовира култура на „позитивна дискриминација“ по родова основа. Се промовира нов извор на неправда. Оти не постои праведна дискриминација. Конечно, изопаченоста, позната под терминот „квир“, станува синоним на западните и европските вредности.

Сета оваа конфузија на вредностите се рефлектира врз јазикот. Сите знаеме дека јазикот е поглед на свет, а погледот на свет е јазик. Во тек е официјално етаблирање на андрогиниот трансговор и новоговор. Новоговорот на Орвел од 1949 е невин во однос на овој денешен трансговор и родоговор. Трансговорот го детронизира не само реалниот, туку и симболичниот поредок на човечката цивилизација.

Принудните политики се усвојуваат како Ново Нормално: додека се менува речникот, се менува не само сликата на свет, туку и самиот свет: се менува човечкото тело, неговите нијанси. Светот повеќе не е слободен. Слободата е една голема утопија, а со неа и сувереноста.

Се соочуваме со радикален транс-хуманизам. Се сочуваме со квиро-центричен свет. Свет во чиешто средиште е поставена изопаченоста. Хуманитевредности се заменуваат со проблематични стереотипи на лица во перманентна транзиција и деформација. Се изопачуваат не само етичките, туку и естетските вредности. Пред нас гледаме гранични луѓе, гранично човештво. Светот е преполовен, болката ја чувствуваме сите. Се соочуваме со ревизија на природниот со артифициелниот ред на нештата. Маргиналните појави стануваат авангардни.

Трансродовиот дискурс се етаблира како дискурс на моќ во сферата на уметноста, особено во книжевноста и филмот. Не само што се фокусира врз актуелната уметност, туку прави ревизија на наследените уметнички дела – романи и филмови, адаптирајќи ги во склад со важечкиот трансхуман полит-говор. Недозволиво е за еден автор и за еден роман или филм некој да го ревидира за да биде политички коректен во дадена актуелна констелација.

Денес се возможни и тие невозможни мисии: се ревидираат популарни дела и бестселери, се прави римејк на ТВ серии и филмови, со цел да бидат дискретен маркетинг на новата транс-политичка коректност. Се бришат доказите за постоењето на бруталната дискриминација врз сексуална, социјална, расна и етничка основа. А сите се сеќаваме или знаеме дека минатото било идеално, но како да кажеме дека сегашноста се коси со самиот поим човечност!.

Според добрите познавачи на трансродовата проблематика, не е можно да се зборува за неа критички и слободно, а да се наиде на автоматска дискредитација од страна на јавната политика и нејзините медиумски и партиски протагонисти. Па сепак, и овој пат се определуваме за правото слобода на израз. Зошто?

Затоа што е неопходно да се повика на здрав разум. Од една страна, треба да се апелира на недискриминација по ниедна основа на ниедна заедница, а од друга – треба да се демистифицираат проблематичните трансродови закони и последиците што тие ќе ги предизвикаат. Последен час е да се покаже авторитарната и деструктивната страна на трансродвиот „центризам“. Последен час е да се укаже, со сета почит спрема различностите, дека трансродовоста веќе се користи како алатка за трансхуманизација. Треба ли да се случи трагедија за да се признае дека е во создавање меѓу луѓе, меѓу родители, меѓу деца, меѓус емејства, некој вид получовештво: ни човештво, ни нечовештво.

Човештвото е веќе навлезено во нова информатичка, етичка и пост-хумана ера. Ако тој влез биде скок во непознатото, ако тој влез се претвори во догма и опиум за народ, тогаш голема е веројатноста тој да се збидне како скок во бездна, како деструктивен и самоубиствен чин.

Денес, повеќе од било кога, е неопходен релаксиран општествен амбиент, ослободен од ултиматуми, поткрепен со оптимални услови за научни истражувања на навидум различните, но комплементарни феноменина „артифициалниот свет“: Трансродовата Транзиција (ТТ) и Вештачката Интелигенција (АИ).

Денес, повеќе од било кога до сега е неопходен здрав разум во сферата на јавните политики. А, да не заборавиме, нема здрав разум без емпатија, без хармонија, без хуманост.

Драги сограѓани, човештвото има многу лица. Треба ли да дозволиме да ни се наметне како опција само едното негово лице, лицето на транс-хуманизмот? Дали откажувањето од хуманизмот било некогаш решение, или обратно?

[foogallery id="8455"]

ИЗВОРНАТА ОБЈАВА...


Ознаки: Нема
0 мислења
Пријави        

За читање: